4NEWS.mk

На тендер се бара фирма што ќе го дочисти линданот од малата депонија во ОХИС

На тендер се бара фирма што ќе го дочисти линданот од малата депонија во ОХИС

На меѓународен тендер се бара компанија што ќе го доврши чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС. Станува збор за делови од третиот, како и од четвртиот и петтиот базен на депонијата, каде што и понатаму е присутен опасен отпад. Тендерот следува откако во декември минатата година Владата најави дека ќе обезбеди 12 милиони евра за чистење на историскиот отпад, кој повеќе од четири децении претставува закана за Скопје. Средствата ќе се распределуваат во текот на три години за целосно расчистување и ремедијација на една од трите депонии на некогашната хемиска фабрика.

Од почетокот на проектот во 2021 година, од малата депонија се ископани и уништени 1.969 тони линдан и 586 тони контаминирана почва. За целосна санација преостануваат приближно 916 тони ХЦХ-отпад, 2.191 тон контаминирана почва, 1.121 тон контаминиран бетон, како и околу 70 тони почва контаминирана со жива.

Од Министерството за животна средина информираат дека на средината на мај Канцеларијата на Обединетите нации за проекти (УНОПС) објавила меѓународен тендер за избор на изведувач за финалната фаза од санацијата на делта-ХЦХ депонијата во ОХИС. „Рокот за доставување на понуди е 7 јули, по што ќе следи нивна евалуација согласно процедурите и критериумите на УНОПС. По завршување на тендерската постапка и потпишување на договорот, ќе започнат подготвителните активности на терен, а според тековната временска рамка, почетокот на санацијата се очекува во септември“, соопштуваат од Министерството.

Од таму додаваат дека избраната компанија, согласно Планот за санација и важечките национални и меѓународни стандарди за управување со опасен отпад, ќе треба да го утврди и начинот на третман за конечно отстранување на живата, која беше откриена во базените со линдан и потекнува од некогашното работење на хемискиот погон. Во моментов, посочуваат од Министерството, живата е безбедно спакувана и привремено складирана во еден од веќе исчистените базени на малата депонија, каде што ќе остане додека не се донесе конечна одлука за нејзиниот понатамошен третман и отстранување.

Во дворот на ОХИС, веднаш до малата депонија, се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека содржи околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две локации, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево, каде што лежат околу 40.000 тони чист ХЦХ и уште 6.500 тони мешан материјал, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Од Министерството велат дека, во рамки на проектот „Национален фонд за животна средина“, што го спроведува УНОПС во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, е предвидено спроведување детални теренски истражувања на големата депонија контаминирана со алфа- и бета-ХЦХ-отпад. Целта е да се добијат прецизни податоци за количините на ХЦХ-отпад и контаминирана почва на оваа локација. Добиените резултати ќе бидат основа за подготовка и планирање на идните активности за целосна санација на големата депонија.

Депониите со опасен отпад се резултат на работењето на погонот за линдан, кој во фабриката функционирал од 1964 до 1977 година, кога производството било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со приближно 25.000 тони неактивни изомери, несоодветно распрскани и депонирани, кои и денес претставуваат ризик за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони од десетици други опасни хемикалии, кои во рок од две години, во вкупно седум пратки на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.

Влијанието на линданот и неговите изомери врз животната средина и здравјето на луѓето е значително. Според Меѓународната агенција за истражување на рак, линданот е класифициран во група 1 канцерогени супстанции, со доволно докази дека предизвикува не-Хоџкин лимфом. Линданот е перзистентна хемикалија што долго време не се разградува во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанција, се расејува од контаминираната почва и се среќава и во ПМ-честичките. Изложеност може да настане со консумирање контаминирана храна или со вдишување воздух загаден со линдан. Хроничната изложеност при вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб и крвта, како и со нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година, кога е класифициран во група А, како супстанција што мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија ја потпиша Конвенцијата на 23 мај 2001 година, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.

Извор: „Мета“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни