Македонија

Нова рунда разговори за Изборниот законик – партиите повторно ќе бараат компромис

Нова рунда разговори за Изборниот законик – партиите повторно ќе бараат компромис

Претставниците на парламентарните партии денеска повторно ќе седнат на иста маса во обид да ги приближат ставовите за измените на Изборниот законик, иако разликите околу неколку клучни прашања и натаму остануваат значителни.

Најголеми несогласувања има околу начинот на гласање на македонските државјани во дијаспората, воведувањето една изборна единица и моделот за финансирање на помалите политички партии.

Од СДСМ предупредуваат дека предложените решенија за гласањето на дијаспората можат да отворат простор за изборни злоупотреби. Според партијата, нема оправдана причина за забрзано носење на законските измени и бараат дополнителни гаранции доколку се воведе електронско гласање.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се подготвени да прифатат гласањето на дијаспората да се организира по пошта доколку не се обезбедат услови за електронско гласање. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија е подготвена да прифати и други барања доколку тоа овозможи македонските иселеници да го остварат своето право на глас на следните парламентарни избори.

Од Левица повторуваат дека нивни главни барања се воведување една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање. Од партијата тврдат дека овие предлози не биле прифатени и ги отфрлаат изјавите дека нивните барања биле исполнети.

Мицкоски, кој вчера престојуваше во Кавадарци, оцени дека шансите за постигнување договор се намалуваат, обвинувајќи ги СДСМ и Левица дека настапиле со, како што рече, радикализирани позиции кои го отежнуваат компромисот. Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да прифати и една изборна единица, како и други предлози доколку се обезбеди договор за изборните правила.

Во меѓувреме, евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека предложените законски решенија добиле позитивни оценки од ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија, но нагласи дека нивното усвојување ќе зависи од политичкиот консензус. Тој изрази очекување дека партиите ќе успеат да ги надминат разликите и да постигнат договор за ова чувствително прашање.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни