Македонија

Мисајловски на Самитот на НАТО во Анкара: Во фокус модернизацијата на Армијата и регионалната безбедност

Мисајловски на Самитот на НАТО во Анкара: Во фокус модернизацијата на Армијата и регионалната безбедност

Со серија состаноци, форуми и дипломатски активности во Анкара започна учеството на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Самитот на НАТО, каде македонската делегација ги претставува националните приоритети во областа на одбраната, модернизацијата на Армијата и соработката со сојузниците.

Во рамки на првиот ден од Самитот, Мисајловски присуствуваше на приемот за министрите за одбрана, организиран од турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер, на Индустрискиот форум, како и на церемонијата со која Франција, Финска и Шведска официјално се приклучија кон Мултинационалната иницијатива за НАТО обука за летање во Европа (NATO Flight Training Europe).

На Форумот за одбранбена индустрија, посветен на иновациите и развојот на воената индустрија, беше нагласено дека силната одбрана е невозможна без развиена одбранбена индустрија. Посебен акцент беше ставен на заедничките набавки и продлабочувањето на соработката меѓу сојузниците, што е од значење и за плановите на македонската Влада за поддршка на домашните компании од наменската индустрија.

Во текот на Самитот се одржа и церемонијата за проширување на иницијативата NATO Flight Training Europe, чија цел е создавање интегриран и стандардизиран систем за обука на пилоти, техничари и воздухопловен персонал според НАТО стандардите. Македонија е меѓу земјите основачи на оваа иницијатива.

На приемот организиран од турскиот министер Јашар Ѓулер, Мисајловски се обрати пред присутните, при што ја истакна успешната билатерална соработка меѓу Македонија и Турција и упати честитки за новата зграда на турското Министерство за национална одбрана.

Активностите продолжија во претседателскиот комплекс во Анкара, каде се одржа состанокот на Северноатлантскиот совет во формат на министри за одбрана, со учество и на партнерските земји од Индо-пацифичкиот регион. Пред своите колеги, Мисајловски ги презентираше македонските инвестиции во одбраната и процесот на модернизација на Армијата, оценувајќи дека тие директно придонесуваат за зголемување на борбената готовност и зајакнување на колективната безбедност во рамки на НАТО.

Тој посочи дека издвојувањата за одбраната, заедно со инвестициите во заштита на критичната инфраструктура и изградбата на двата клучни коридори, веќе надминуваат четири проценти од целта од пет проценти, која треба да се достигне во следната деценија. Министерот истакна и дека поддршката од сојузниците, вклучително и преку Европскиот мировен фонд, значително ги јакне капацитетите на Армијата за учество во мировни мисии, додавајќи дека продолжувањето на мисиите АЛТЕА во Босна и Херцеговина и КФОР на Косово останува од суштинско значење за стабилноста на регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни