Интима Магазин

Откриени 200.000 нетестирани и небезбедни кондоми во Европа – запленети во Романија, Србија и Шпанија

Откриени 200.000 нетестирани и небезбедни кондоми во Европа – запленети во Романија, Србија и Шпанија

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) открила трговска рута која била користена за дистрибуција на фалсификувани и небезбедни кондоми во Европа, со што било загрозено сексуалното здравје на илјадници Европејци.

Повеќе од 200.000 нетестирани, неконтролирани и небезбедни кондоми, кои потекнуваат од Кина, биле лажно декларирани како играчки за да ги избегнат строгите барања за квалитет на Европската унија. Со тоа потрошувачите биле изложени на ризик од сексуално преносливи инфекции, непланирани бремености, како и употреба на небезбедни хемикалии и материјали.

Небезбедните кондоми го користеле името и логото на познат бренд

Во Европа, кондомите се класифицирани како медицински помагала и мора да исполнуваат строги здравствени и безбедносни стандарди, меѓу кои контрола на микробна контаминација, биокомпатибилност, отпорност на протекување, барања за димензии, рок на траење и стабилност.

Сепак, фалсификуваните производи од Кина ги заобиколиле овие стандарди.

„Фалсификуваните кондоми се опасни. Тие се нетестирани, неконтролирани и небезбедни“, изјавил во соопштение шефот на Канцеларијата на Европската комисија за борба против измами, Петар Клемент.

Не е откриен брендот ниту каде биле продавани производите

Лажните кондоми, чија вредност се проценува на повеќе од 200.000 евра, биле запленети во Романија, Србија и Шпанија.

Според податоците на ОЛАФ, тие биле продавани во Европа со користење на името и логото на познат бренд. Канцеларијата не го открила брендот, ниту местата каде биле пласирани производите, како и колкав број од вкупно над 200.000 кондоми стигнале до потрошувачите.

„Тешко е да се дадат точни податоци поради природата на нелегалните мрежи. Бидејќи е тешко да се следи фалсификуваната стока, тешко е и да се информираат поединечни потрошувачи кои можеби купиле такви кондоми“, изјавил портпаролот на ОЛАФ за „Еуроњуз“.

Во соработка со кинеските власти, Европската канцеларија го идентификувала извозникот кој стои зад пратките, но неговиот идентитет не е објавен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни