Центарот за јавно здравје – Штип спроведува епидемиолошка истрага откако биле пријавени шест случаи на можно труење со храна кај вработени во фабрика лоцирана во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) – Штип.
Од Центарот информираат дека пријавата била примена вчера, по што Одделението за епидемиологија веднаш постапило согласно националниот протокол за алиментарни инфекции и интоксикации.
Епидемиолошки тим извршил увид во објектот каде се подготвува и послужува храната, а бил одржан и едукативен разговор со одговорните лица и персоналот за правилниот прием, подготовка, складирање и чување на храната.
Во рамки на преземените мерки, било наложено генерално механичко чистење на објектот, спроведена е вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а на вработените им биле извршени и вонредни санитарни прегледи.
Дополнително, земени се мостри од храната за микробиолошка анализа, како и брисеви од работните површини во кујната, со цел да се утврди евентуалниот извор на контаминација.
Од Центарот за јавно здравје – Штип посочуваат дека состојбата ќе продолжи внимателно да се следи и дека јавноста ќе биде навремено информирана за резултатите од анализите и за евентуалните нови случаи. Доколку биде потребно, ќе бидат преземени и дополнителни мерки согласно законските прописи.