Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска доби две номинации за 78. издание на наградите „Еми“, најпрестижните признанија во телевизиската индустрија.
Ова е првпат македонско филмско остварување да биде номинирано за „Еми“, што претставува историски успех за македонската кинематографија и значајно признание за регионот.
Филмот е номиниран во категориите „Исклучителна вредност во документарното филмско творештво“ и „Извонредна кинематографија за документарна програма“, за визуелниот потпис на директорот на фотографија Жан Дакар.
Со овие номинации, „Приказната за Силјан“ ја продолжува успешната меѓународна приказна. Годинава филмот ја освои и наградата од публиката на Cinema Eye Honors, каде триумфираше во конкуренција на документарци од повеќе земји.
Минатата година филмот беше квалификуван за разгледување за наградата „Оскар“, а беше откупен и од National Geographic Documentary Films, по што продолжи да освојува признанија на меѓународни фестивали.
Свеченото доделување на наградите „Еми“ ќе се одржи на 14 септември во Peacock Theater во Лос Анџелес, додека Creative Arts Emmy Awards ќе бидат врачени на 5 и 6 септември.