Македонија

Албанската полиција: Тројцата функционери на ВЛЕН не биле спречени да влезат, пречка имало за четврто лице

Албанската полиција: Тројцата функционери на ВЛЕН не биле спречени да влезат, пречка имало за четврто лице

Албанските власти појаснија дека тројцата функционери на ВЛЕН не биле спречени да влезат во Република Албанија, туку дека забраната се однесувала само на четврто лице што патувало со нив. Според генералниот директор на Државната полиција на Албанија, Скендер Хита, четворицата се појавиле вчера на граничниот премин Ќафасан, при што тројца од нив поседувале дипломатски пасоши и им било укажано дека можат да го продолжат патувањето, додека едно лице имало законски пречки за влез.

„Вчера на граничниот премин Ќафасан се појавија четворица државјани со намера да ја преминат границата. Тројца од нив поседуваа и дипломатски пасоши и им беше кажано дека можат да го продолжат патувањето, но едно лице кое беше со нив, а имаше законски пречки на граница, не можеше да патува кон Република Албанија. Во тие околности, сите четворица не прифатија да го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија“, изјави Скендер Хита.

Пратеникот Беким Ќоку потврди дека се вратиле за да не го остават само четвртото лице: „Во моментот кога ни беше соопштено дека на еден од нашите сопатници му е одбиен влезот, решивме да се вратиме. Сè уште не ни е јасно зошто се случи тоа. Во меѓувреме знаеме дека има неколку забрани, односно одбивања за влез, изречени од албанската држава, главно за Албанци од Северна Македонија, и тоа нè прави многу лути и револтирани, бидејќи не разбираме зошто се случува тоа“.

Според пратеникот Аднан Азизи, претходно добиле информации од активисти дека постојат забрани за влез во Албанија, што, како што вели, не очекувал дека може да се однесува на функционери. Тој на случајот му даде и политичка димензија, алудирајќи на поддршката за протестите во Албанија, како и на поддршката за студентските протести во Северна Македонија. „Навистина е апсурдна ситуација. Се случи спротивното – Албанија се вмеша, бидејќи ДУИ побара помош од официјални претставници на албанската држава. Претседателот на пратеничката група Таулант Бала јавно ја поддржа протестната акција организирана од ДУИ, еден апсурден протест што нема никаква врска со националните интереси. Потоа и албанскиот амбасадор јавно се појави со организаторите, се фотографираше со нив и им даде поддршка. Исто така, оние што дојдоа од Албанија и Косово ги прими во Амбасадата. Но ние никого од нив не сме го пријавиле, ниту сме побарале државата да ги прогласи за персона нон грата“, изјави Азизи.

Со официјална реакција се огласи и ВЛЕН, повикувајќи ги албанските власти, доколку постои забрана за нејзини функционери, да објават официјални документи во кои ќе биде наведено кој ја донел одлуката, врз која законска основа и по кои конкретни причини. Од партијата порачаа дека меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционална почит и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомнежи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни