Музика и Филм

Пророчките зборови на Бони Тајлер месеци пред нејзината ненадејна смрт

Пророчките зборови на Бони Тајлер месеци пред нејзината ненадејна смрт

Музичката ѕвезда Бони Тајлер споделила дека се чувствува „во доволно добра форма“ за да одржува концерти и секој ден вежбала пилатес, само неколку месеци пред нејзината ненадејна смрт на 75-годишна возраст.

Тајлер почина ненадејно во средата, на 8 јули 2026 година, неколку недели по операција поради перфорирано црево, соопштија нејзиното семејство и тимот. Таа претходно помина месеци во болница во Фаро, Португалија, каде што живееше.

Нејзиниот последен концерт се одржа во Лондон на 19 март. Во интервју за списание „Хело!“, објавено во март, Тајлер кажа дека повторно ужива да биде на сцената, потсетува списание „Пипл“.

„Во моментов сум во доволно добра форма, да не урочувам, и навистина уживам во концертите. Сè уште рокам на сцената со мојата прекрасна група, а ако имаш здравје, имаш сè“, изјави тогаш Тајлер.

Таа додаде дека прави пилатес по „дваесет минути на ден“ и дека се подложила на интервенции на колената за да ги реши претходните проблеми.

Два дена по лондонскиот настап Тајлер требаше да замине за родниот Велс за концерт во Кардиф, но настанот беше одложен за декември, како што соопшти „Утилита Арена“ на „Фејсбук“ неколку дена претходно.

Следниот месец Тајлер беше хоспитализирана во Фару поради силни болки во стомакот, а на 6 мај беше објавено дека итно била оперирана за лекување на перфорирано црево. Таа беше ставена во вештачка кома на одделот за интензивна нега, а подоцна доживеа срцев застој и беше реанимирана додека лекарите се обидуваа да ја разбудат. На 15 јуни се разбуди од комата, но беше опишана како сè уште „многу лоша“, а нејзината смрт беше потврдена во средата.

„Семејството и тимот на Бони со скршени срца соопштуваат дека Бони ненадејно почина синоќа во болница во Португалија, како последица на болеста од која се лекуваше. Наскоро ќе излеземе со дополнително соопштение, но засега молиме за приватност за да се справиме со оваа трагедија“, стои во официјалната изјава објавена на нејзината веб-страница.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни