Музика и Филм

Историски успех на младите македонски таленти: Оркестарот на „Орце Николов“ освои прво место во САД, потребна е поддршка за настап во Њујорк!

Историски успех на младите македонски таленти: Оркестарот на „Орце Николов“ освои прво место во САД, потребна е поддршка за настап во Њујорк!

Оркестарот при СУГС Гимназија „Орце Николов“ од Скопје испишува нова историја за македонската младинска музичка сцена. Групата од дваесетина талентирани средношколци го освои престижното прво место на меѓународниот натпревар IYMC во февруари оваа година, добивајќи почесно признание за негувањето на народната музика во светски рамки.

Оваа значајна награда не подразбира само диплома, туку носи и ексклузивна можност – Оркестарот е поканет да отпатува во Њујорк на почетокот на септември оваа година, каде ќе има прилика двапати да настапи во една од најпрестижните камерни сали во државата и да ја претстави автентичната македонска музика пред американската публика.

„Нашиот оркестар свири исклучиво народни македонски песни и во рок од само две години, со макотрпен труд и работа, успеа да го оствари меѓународниот сон. Преку автентични аранжмани со модерни прилагодувања, успеавме да допреме до срцата на младата македонска јавност, особено преку четирите големи концерти кои ги одржавме изминатиот период,“ истакнува Марко Балоски, шеф-диригент на Оркестарот.

За да се реализира овој историски потфат и да се овозможи патувањето на овие млади амбасадори на македонската култура во САД, неопходна е финансиска поддршка. Оркестарот упатува јавен апел до Градот Скопје, институциите на извршната власт, но и до сите општествено-одговорни компании, банки и приватни бизниси да го препознаат квалитетот и да помогнат во остварувањето на оваа мисија.

Сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од оваа успешна приказна и да ја поддржат македонската младина, можат да стапат во контакт со тимот на orkestar.orce@gmail.com или на телефонскиот број 071/972-352.

Нека македонската култура биде причина за обединување – да го поддржиме талентот што светот веќе го препозна!

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни