4NEWS.mk

Во Меморијалниот центар Поточари комеморација по повод 31 година од геноцидот во Сребреница

Во Меморијалниот центар Поточари комеморација по повод 31 година од геноцидот во Сребреница

Во Меморијалниот центар Поточари денес ќе се одржи комеморација по повод 31-годишнината од геноцидот во Сребреница, на која ќе бидат погребани и посмртните останки на десет новоидентификувани жртви. Најмладата жртва што ќе биде погребана е Сенад (Заим) Јусиќ, кој во моментот на смртта имал дваесет години, а најстарата е Рамо (Мустафа) Даутовиќ, роден во 1939 година, кој ќе биде погребан до братот Јусо.

Комеморативниот собир ќе го обезбедуваат припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска (МУП РС), во соработка со полициско-разузнавачките агенции на Босна и Херцеговина.

Досега во Меморијалниот центар Поточари се погребани 6.772 жртви на геноцидот, а Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина сè уште трага по околу 900 лица.

Комеморацијата ја претходеше тридневниот „Марш на мирот“, на кој илјадници учесници од Босна и Херцеговина, регионот и светот пешачеа по рутата по која во јули 1995 година илјадници жители на Сребреница се обидуваа да стигнат до територија под контрола на Армијата на Републиката Босна и Херцеговина (АР БиХ), откако српските сили ја презедоа контролата врз Сребреница, заштитена зона под покровителство на Обединетите нации.

Во Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во четвртокот се одржа комеморација по повод одбележувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница. На 23 мај 2024 година, Генералното собрание усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година утврди дека Војската на Република Српска во јули 1995 година во Сребреница извршила геноцид. Пред различни судови досега за геноцид и воени злосторства во Сребреница се осудени повеќе од педесет лица на вкупно 700 години затвор, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ и командантот на Војската на Република Српска Ратко Младиќ, осудени на доживотни казни.

Српските сили, под команда на генерал Ратко Младиќ, во јули 1995 година ја започнаа операцијата „Криваја 95“ и за неколку дена ја зазедоа Сребреница, која тогаш беше заштитена зона под контрола на Обединетите нации. Според официјалните податоци, тогаш беа убиени повеќе од осум илјади бошњачки мажи и момчиња, а околу 30.000 жени, старци и деца беа присилно депортирани на територијата на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни