Епл поднесе тужба против ОпенАИ, тврдејќи дека компанијата за вештачка интелигенција украла деловни тајни на производителот на Ајфон за да развие сопствени, сè уште непретставени уреди со вештачка интелигенција. Според наводите во тужбата до Окружниот суд на Северна Калифорнија, Епл го обвинува ОпенАИ за незаконито присвојување доверливи информации и за прекршување на договор, пренесе СиЕнЕн.
ОпенАИ минатата година соопшти дека соработува со поранешниот шеф на дизајн во Епл на таен проект за развој на уред кој треба да ги воведе корисниците на смартфони во новата ера на вештачката интелигенција. Се очекува уредот да биде претставен подоцна годинава, но тужбата би можела да ги наруши тие планови, како и да ја искомплицира намерата на ОпенАИ наскоро да излезе на берза преку иницијална јавна понуда на акции.
„Не нè интересираат деловните тајни на други компании“, изјави Дру Пусатери, портпарол на ОпенАИ. „И понатаму сме насочени кон создавање иновативна технологија што ќе им даде поголеми можности на луѓето ширум светот.“
Со тужбата се опфатени ОпенАИ, нивни вработен и поранешен инженер на Епл, Чанг Лиу, како и Танг Тан, раководител на хардверот во ОпенАИ кој претходно го водеше дизајнот на производи за Ајфон и Епл Воч. Тужена е и компанијата ИО Продактс, основана од Џони Ајв, легендарниот шеф на дизајн на Епл до 2019 година и еден од творците на Ајфон. Минатата година, според текстот, ИО Продактс го презела ОпенАИ. Во тужбата Ајв не се наведува како обвинет ниту се товарі за какви било незаконски дејствија.
Епл тврди дека Лиу и Тан одиграле клучни улоги во кражбата на доверливи материјали. Лиу го напуштил Епл и му се придружил на ОпенАИ во јануари 2026 година и, според наводите, не одговорил на обидите на компанијата да потпише документ за доверливост, да одржи излезно интервју и да ја потврди предадата на службените уреди. Во тужбата стои дека не го вратил службениот лаптоп и дека по заминувањето пристапил на работниот компјутер на поранешен колега. Се наведува дека Лиу пристапил и презел „десетици доверливи датотеки на Епл поврзани со хардвер, вклучувајќи обемни и детални информации за необјавени производи, инженерски презентации, технички спецификации и сопственички проектни податоци“.
Епл тврди дека Тан користел доверливи информации на компанијата при вработување кандидати, давајќи им упатства на разговорите за работа да донесат компоненти на Епл. Исто така се наведува дека Тан и ОпенАИ им давале совети на вработени во Епл како да ја напуштат компанијата.
Според наводите на Епл, Тан го информирал ОпенАИ за клучни состаноци со добавувачи на Епл и пред заминувањето на функцијата си пратил преку е-пошта информации за тие добавувачи. Компанијата наведува и дека има докази оти и други поранешни вработени на Епл понеле со себе доверливи материјали кога преминале да работат во ОпенАИ. „Во Епл нашите тимови постојано развиваат револуционерни технологии за да создадат најдобри производи и услуги во светот, а заштитата на нивната работа и интелектуална сопственост ја сфаќаме многу сериозно“, стои во соопштението на Епл.
Во тужбата Епл наведува дека го контактирал ОпенАИ за да ја изрази загриженоста уште во раната фаза на истрагата, но никогаш не добил одговор.
Оваа тужба претставува и пресврт во односите меѓу двете компании, кои во 2024 година најавија партнерство за интеграција на ЧетЏиПиТи во производите на Епл. Во мај, Блумберг објави дека ОпенАИ размислува за тужба против Епл поради наводно кршење на договор, тврдејќи дека Епл недоволно ги интегрирал и промовирал нивните производи на сопствените уреди.
ОпенАИ агресивно регрутира врвни сегашни и поранешни менаџери и инженери на Епл, пред сè за изградба на сопствен оддел за хардвер. Според анализа на профили на Линкдин што ја спроведе СиЕнЕн, ОпенАИ неодамна вработил најмалку десет инженери кои директно преминале од Епл.
Тужбата го нагласува ривалството со високи влогови меѓу технолошките гиганти за доминација во ерата на вештачката интелигенција. ОпенАИ направи значајни промени во својата стратегија, со цел ЧетЏиПиТи да го постави во средиштето на дигиталниот живот на корисниците.
Од друга страна, Епл подоцна годинава ќе ја лансира долго очекуваната, преработена верзија на Сири, која ќе може да функционира во рамките на различни апликации и да ги персонализира одговорите користејќи податоци што се чуваат на самиот Ајфон.
ОпенАИ малку откри за тајниот хардверски проект. Порталот Информејшн објави дека компанијата работи на паметен звучник, додека Вол Стрит Џорнал напиша дека уредот на ОпенАИ ќе биде свесен за околината на корисникот.
Вештачката интелигенција го менува начинот на кој луѓето комуницираат со технологијата, а ваквите хардверски проекти се дел од напорите на технолошките компании да останат на чело на тие промени. Како што агентите со вештачка интелигенција стануваат сè способни за извршување секојдневни задачи, корисниците можеби ќе имаат сè помала потреба од класични апликации и честа интеракција со екрани.