Breaking Бендот „Тотсакан“ загуби 3 члена во пожарот во клубот во Бангкок
Македонија

„Не сте сами“: Петровска понуди помош за семејството на девојката од Куманово која јавно побара помош

„Не сте сами“: Петровска понуди помош за семејството на девојката од Куманово која јавно побара помош

Случајот на младата Меланија од Куманово, која преку социјалните мрежи јавно побара спас и помош за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа, предизвика силен бран реакции во јавноста. Меѓу првите кои конкретно реагираа е пратеничката и поранешна министерка Славјанка Петровска, која јавно понуди итна и долгорочна поддршка за семејството.

Петровска преку својот Фејсбук профил порача дека таа и нејзиниот тим веднаш се ставаат на располагање за да обезбедат привремено безбедно сместување за семејството, кое се соочува со сериозен ризик од насилство.

„Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност“, истакна Петровска во својата објава, додавајќи дека покрај итното згрижување, ќе контактира и општествено одговорни компании и хуманитарни организации за да се обезбедат достоинствени услови за нивното секојдневие на подолг рок.

Таа упати и директен апел до надлежните институции итно да преземат мерки, нагласувајќи дека заштитата на жртвите мора да биде приоритет пред сè, со цел да се спречи каква било можност за ново насилство.

Во емотивниот статус, Петровска директно ѝ се обрати на Меланија со повик веднаш да стапат во контакт за лично да ја организираат помошта.

„До Меланија и нејзиното семејство – не сте сами. Ќе останеме со вас и ќе помогнеме колку што можеме, сè додека не бидете безбедни“, напиша Петровска.

Апелот на Меланија за помош брзо се шири на социјалните мрежи, а јавноста будно следи дали институциите навремено ќе одговорат на повикот за спас на ова ранливо семејство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни