Ново видео со вознемирувачка содржина, на кое е прикажан случај на меѓуврсничко насилство во Куманово, предизвика реакции во јавноста. Случајот го објави „Слободен печат“, откако снимката претходно беше споделена и во серијалот „Без цензура“ на новинарката Лиридона Вејсели.
Според информациите што ги објави „Слободен печат“, инцидентот се случил пред околу еден месец. На видеото се гледа како девојче е физички нападнато од три девојчиња, при што добива повеќе шлаканици и клоци. Неофицијално, едно од лицата кои учествувале во нападот има 19 години. Снимката првично била објавена на социјалната мрежа „Снепчет“ со навредлив опис.
Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдија дека СВР Куманово, во координација со Основното јавно обвинителство во Куманово, презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
„Во врска со објавеното видео за кое прашувате ве известуваме дека СВР Куманово во координација со ОЈО Куманово презема мерки и активности за расчистување на случајот, по што соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштиле од МВР за „Слободен печат“.
Според објавените информации, вчера бил направен обид случајот да биде пријавен во полициската станица во Куманово, а девојчето кое е жртва денеска било примено на разговор во полиција.
Ова е втор случај на јавно објавено меѓуврсничко насилство во текот на месецов. Претходно, во скопската населба Аеродром беше објавена снимка на која малолетно девојче беше понижувано, принудено да клекне и јавно да се извинува, додека било физички напаѓано и снимано од група врсници. Двата случаи повторно ја отворија темата за меѓуврсничкото насилство и злоупотребата на социјалните мрежи за ширење на вакви снимки.