Македонија

Џуљиан Шабани е избран за заменик-директор на МРТ

Џуљиан Шабани е избран за заменик-директор на МРТ

Македонската радио-телевизија го комплетираше раководниот тим откако Програмскиот совет ја заврши постапката за избор на заменик-директор на јавниот сервис. По спроведената законска процедура, за оваа функција е избран Џуљиан Шабани.

Од Програмскиот совет соопштија дека изборот бил реализиран согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти. Шабани е дипломиран во областа на администрација и менаџмент.

Во постапката учествувале вкупно осум кандидати, а нивните програми за работа биле оценувани анонимно, под шифра, без членовите на Советот да имаат увид во нивниот идентитет. По завршувањето на оценувањето и обезбедувањето на потребното мнозинство гласови, бил откриен идентитетот на избраниот кандидат, по што била извршена проверка на исполнувањето на законските услови и доставената документација.

Од Советот посочуваат дека со овој избор е заокружен процесот на формирање на раководството на Македонската радио-телевизија, спроведен врз основа на однапред утврдени критериуми, законски процедури и принципот на еднаков третман на сите кандидати.

Воедно, очекуваат новоизбраниот заменик-директор активно да придонесе за подобрување на работењето на јавниот сервис, поефикасна организација на работните процеси и реализација на програмските и развојните цели на МРТ, во соработка со директорот и вработените.

Програмскиот совет порача дека и понатаму ќе ја извршува својата стратешка улога во рамките на законските надлежности, со цел обезбедување професионален, независен и кредибилен јавен медиумски сервис во интерес на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни