Свет

Врховниот суд ги укина царините на Трамп, САД враќаат 81 милијарда долари

Врховниот суд ги укина царините на Трамп, САД враќаат 81 милијарда долари

Американската влада исплати десетици милијарди долари поврат на царините што претходно ги наплатила, откако Врховниот суд ги прогласил за незаконски, покажуваат буџетските податоци објавени во понеделникот. Царините беа клучен дел од економската политика на претседателот Доналд Трамп откако минатата година повторно ја презеде функцијата, но голем дел од нив Судот ги укина во февруари, пишува „Гардијан“.

Поврат од 81 милијарда долари

Според објавените податоци, Соединетите Американски Држави во тековната фискална година, која започна во октомври 2025 година, исплатиле 81 милијарда долари поврат на царините. За споредба, во истиот период минатата година биле исплатени само 5 милијарди долари.

Претставник на Министерството за финансии потврдил пред новинарите дека огромното зголемување речиси целосно се должи на одлуката на Врховниот суд. Тој додал дека најголемиот дел од повратите биле исплатени во текот на мај и јуни.

Повторно расте буџетскиот дефицит

Трамп ги претставуваше царините како решение за економските проблеми – од враќање на производството во САД и склучување подобри трговски договори до намалување на дефицитот на федералниот буџет.

Сепак, буџетскиот дефицит, кој минатата година беше благо намален токму благодарение на приходите од царините, сега повторно расте. Во првите девет месеци од фискалната година достигнал 1.367 билиони долари, што претставува зголемување од два проценти.

Во исто време се зголемиле и другите буџетски расходи. САД потрошиле повеќе од еден билион долари само за камати на државниот долг, што е раст од 14 проценти, додека воените трошоци поради конфликтот на Блискиот Исток се зголемиле за пет проценти.

Во подготовка се нови царини

Привремената глобална царина од 10 проценти, воведена од администрацијата, истекува на 24 јули. И покрај тоа, Белата куќа веќе подготвува нови царински давачки. Како причини се наведуваат недоволно строгото спроведување на законите против принудната работа и прекумерниот индустриски капацитет во други земји.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни