Основниот кривичен суд донесе пресуда за тројца припадници на криминалната група „Беланоца“, изрекувајќи им долгогодишни затворски казни за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување и изнуда, објави телевизија „Телма“.
Според информациите, еден од обвинетите е осуден на 20 години затвор, додека вториот доби казна од 11 години поради учество во злосторничко здружување поврзано со убиството на Орхан Бајрами – Оки, водач на спротивставената криминална група Дуќанџик/Грчец, како и со пукањето на улицата „Пластичарска“ во кое беше убиен 29-годишниот пејач и блогер Амар Исмани.
Орхан Бајрами беше ликвидиран во јули 2023 година во Ханиоти, Грција, додека бил на одмор. Според истрагата, напаѓачите пристигнале со возило, се доближиле до апартманот во кој престојувал и испукале повеќе куршуми низ прозорецот. Ден пред убиството, на профил на „ТикТок“, кој подоцна бил избришан, била објавена порака дека Бајрами е следната жртва, а по ликвидацијата било објавено и дека „работата е завршена“. Истиот профил претходно најавувал и други ликвидации.
Во мај 2024 година, во вооружен напад на улицата „Пластичарска“ во Скопје беше застрелан Амар Исмани, кој подоцна им подлегна на повредите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Третиот обвинет во случајот е осуден на четири години затвор за кривичното дело изнуда.
Според „Телма“, судската постапка против наводниот лидер на криминалната група „Беланоца“, Фатљум Ајети – Тоти, сè уште е во тек. Заедно со други припадници на групата, тој се гони за најмалку осум убиства, злосторничко здружување, изнуди, закани, како и за палење објекти и автомобили.