Свет

Вучиќ во Киев првпат од почетокот на руската инвазија на Украина

Вучиќ во Киев првпат од почетокот на руската инвазија на Украина

Само три дена откако од Москва пристигнаа критики на адреса на Србија за „млаки реакции на русофобните изјави на украински функционери за време на посетата на Белград“, претседателот на Србија Александар Вучиќ допатува во Киев, првпат од 2022 година и почетокот на руската инвазија на таа земја.

По пристигнувањето во главниот град на Украина, на Инстаграм-профилот на Вучиќ беше објавена снимка како излегува од воз, со порака дека очекува успешен самит „Југоисточна Европа – Украина“. „Верувам дека ќе имаме добар самит, ќе си пружиме меѓусебна поддршка на европскиот пат и ќе ја зголемиме билатералната соработка“, напиша тој на Инстаграм.

Вучиќ претходно најави дека во Киев треба одделно да разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Се разбира, добро е кога соработувате. Досега бев на четири собири, во Одеса, Дубровник, Атина и Тирана. Но ни тоа нема да биде едноставно, имајќи ја предвид предложената декларација и сè останато“, изјави Вучиќ за новинарите во Париз, каде што присуствуваше на прославата на Денот на Бастилја, францускиот државен празник.

Србија продолжува да балансира меѓу Русија, западноевропските сили, Соединетите Американски Држави и Кина, кои ги смета за главни столбови на својата надворешна политика. Иако е кандидат за членство во Европската унија (ЕУ), Србија е единствената европска земја, заедно со Белорусија, што не воведе санкции кон Русија поради нападот врз Украина, поради што Брисел често ја критикува и бара од Белград да се „усогласи со надворешната политика на ЕУ“.

Станува збор за обид за таканаречена мултивекторска надворешна политика, оцени во јулски разговор за Би-би-си политичкиот аналитичар што се занимава со Балканот, Џејмс Кер Линдзи. „Проблемот е што тоа не е возможно и не е разумен пристап кон водење надворешна политика… Работите едноставно не функционираат така“, смета Кер Линдзи.

Вучиќ, кој во 2025 година престојуваше во Одеса, најголемото украинско пристаниште на Црното Море, досега повеќепати истакнуваше дека Србија никогаш не била против Украина, ниту пак Украина ѝ направила нешто на штета на Србија. Особено подвлекува дека Украина е една од земјите што не ја признале независноста на Косово. Косово прогласи независност во 2008 година, но Србија не ја признава.

Посетата на претседателот на украинската Рада Руслан Стефанчук на Белград на почетокот на јули ја разгневи Москва. Украинскиот висок претставник пристигна во Белград неколку месеци по посетата на рускиот министер Максим Решетњиков. „Добредојде во Србија, драг пријателе“, со таква порака на Инстаграм го дочека претседателката на Народното собрание на Србија Ана Брнабиќ. Двајцата заеднички ја отворија Конференцијата на претседатели на парламенти на државите кандидати за членство во ЕУ, а Стефанчук одделно се сретна и со Вучиќ. „Денес во Белград сакам јасно да кажам – Србите не се мали Руси. Украинците не се мали Руси, Молдавците и Грузијците никогаш не биле и нема да бидат… Еден ден сите сигурно ќе станеме членки на ЕУ“, порача Стефанчук.

Неколку дена подоцна остро реагираше Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, велејќи дека е „за жалење изостанокот на реакција на Србија на русофобната кампања“. Тоа не беше прв пат од почетокот на војната во Украина во 2022 година руските власти да гледаат со неодобрување на потезите на Белград. Во 2025 година Русија ја критикуваше Србија поради извоз на оружје и муниција што, според тврдењата на разузнавачките служби во Москва, завршиле во украинската армија. Захарова го критикуваше Вучиќ и кога во ноември 2025 година најави можност Србија сепак да воведе одредени санкции кон Русија. Сепак, до денес, Србија не воведе никакви санкции кон Русија.

Покрај „надворешната политика на седење на повеќе столчиња“, една од спорните точки во односите меѓу Белград и Киев беа и преговорите за членство на Србија во Светската трговска организација (СТО). Доаѓањето на заменик-премиерот на Украина Тарас Качка во Белград во мај донесе поместување на тоа поле. Претставници на владите на двете држави потпишаа заедничка изјава за продолжување на преговорите за Договорот за слободна трговија. Украина е единствената европска земја со која Србија нема потпишано ваков договор, што е еден од условите за пристап во СТО.

Преговорите започнаа во 2005 година како дел од процесот на пристапување на Србија во СТО, чиј членки од земјите на поранешна Југославија сè уште не се Босна и Херцеговина, ниту Косово. Пред 21 година, како камен на сопнување се појавија несогласувањата меѓу Украина и Србија околу царините за поединечни земјоделски и индустриски производи. Како членка на СТО, Украина побара билатерални преговори со Србија како услов за прием. Членството во СТО е и главен услов за затворање на преговарачкото Поглавје 30 со Европската унија, што се однесува на економските односи со странство.

Односите меѓу Киев и Белград „се прилично коректни и покрај сите отежнувачки околности“, како што се војната меѓу Русија и Украина, како и зависноста и блиските односи на Србија со Русија, изјави во мај 2026 година Бранка Латиновиќ, поранешна амбасадорка на Србија во ОБСЕ, за Би-би-си. Србија гласаше за повеќе резолуции на Обединетите нации со кои се осудува руската агресија, од почетокот на војната примаше украински бегалци, испраќаше финансиска помош, а посредно и оружје за Украина, поради што во Кремљ беа незадоволни.

Од февруари 2022 година српски и украински претставници повеќепати се среќаваа, главно за време на меѓународни самити. Директни посети на претседателско или премиерско ниво немаше. Вучиќ и Зеленски разговараа на самитите во Молдавија во јуни 2023 година, кога се запознаа, потоа во Атина во август 2023 година, во Гранада во октомври истата година, како и во Тирана во февруари 2024 година и во Одеса во јуни 2025 година.

Првата посета на Вучиќ на Украина по 13 години уследи еден месец по неговото заминување во Русија. Тогаш им понуди на домаќините помош во обновата на регионите погодени од војната. Со пристигнувањето во Одеса, Србија не ја „издаде Русија“, порача тој. Една година претходно, во мај 2024 година, Олена Зеленска, првата дама на Украина, заедно со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, го посетија Белград. Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ во ноември минатата година во Киев се сретна со Зеленски.

Самитот на Украина и југоисточна Европа, што на 15 јули се одржува во Киев, беше покренат во 2022 година со цел да се зацврстат врските меѓу Киев и земјите од југоисточна Европа, во услови на војна со Русија. Учесниците на самитот во Дубровник во 2024 година усвоија заедничка декларација со која се поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина и се осудува руската агресија. На самитот во 2025 година во Одеса беше усвоена декларација со повик за воведување дополнителни санкции кон Москва. Претседателот на Србија не го потпиша тој документ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни