Македонија

Јаневска: Оптимизацијата на училиштата е за поквалитетно образование, ниту еден наставник нема да остане без работа

Јаневска: Оптимизацијата на училиштата е за поквалитетно образование, ниту еден наставник нема да остане без работа

Намалувањето на бројот на ученици и потребата од подобар квалитет во наставата се причините поради кои Министерството за образование и наука најавува оптимизација на училишната мрежа, порача министерката Весна Јаневска во Собранието.

Според неа, во изминатите седум години бројот на ученици во земјава е намален за околу 17 илјади, што наметнува потреба од реорганизација на дел од училиштата.

„Имаме многу подрачни училишта со по две-три деца кои ниту се социјализираат, ниту имаат можност да се натпреваруваат со своите врсници, а немаат ниту услови за примена на современа технологија“, рече Јаневска.

Таа посочи дека овие ученици треба да бидат вклучени во поголемите училишта во нивната близина, каде би имале можност за поквалитетен воспитно-образовен процес.

Министерката истакна дека оптимизацијата нема да значи отпуштање на наставници и дека ниту еден наставник нема да ја загуби работата.

„Во изминатите две години од мандатот на Владата ниту еден наставник не е отпуштен и тоа нема да се случи ниту во периодот што следи“, нагласи Јаневска.

Таа додаде дека на наставниците ќе им биде овозможено да ги надополнат часовите преку дополнителна работа со талентирани ученици, ученици кои имаат потреба од дополнителна поддршка, како и преку реализација на воннаставни активности и водење училишни секции.

Јаневска се осврна и на потребата учениците подолго да остануваат во училиштата, посочувајќи дека Македонија заостанува зад европските просеци.

„Учениците во Македонија до 14-годишна возраст поминуваат 6.816 часа на училиште, додека просекот во земјите членки на ОЕЦД е 7.775 часа. Се бориме овој процес да го достигнеме и нашите ученици да не бидат меѓу последните на ПИСА тестирањата“, рече министерката.

Одговарајќи на прашање за изградбата на основното училиште во тетовското село Селце, Јаневска информираше дека објектот бил изграден во периодот на претходната влада, но не бил целосно завршен.

Според неа, останале неизведени делови како фасадата, партерното уредување и поставувањето потпорен ѕид поради ризик од свлечиште.

„Жалам што е така, но ние сме одговорна Влада и ќе го завршиме, за да не се уништуваат вложените средства“, изјави Јаневска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни