Магистралните и регионалните патишта низ земјава ќе бидат опфатени со седумдневна акција за чистење, во која се вклучени осудени лица од повеќе казнено-поправни установи.
Акцијата започна денеска и ќе трае до 22 јули, а се реализира преку соработка меѓу Управата за извршување на санкциите и Јавното претпријатие „Македонија Пат“.
Работниот ангажман на осудените лица се спроведува врз основа на Меморандумот за соработка меѓу двете институции, со цел нивно вклучување во активности од јавен интерес.
Почетокот на акцијата го следеа заменик-директорот на ЈП „Македонија Пат“, Александар Шуковски, како и претставници од Кабинетот на директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов.
Во акцијата учествуваат осудени лица од казнено-поправните установи во Идризово, Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица и Струга.
Тие ќе бидат ангажирани за чистење на делници од магистралните и регионалните патишта кои се наоѓаат во близина на установите каде што ја издржуваат затворската казна.
Од Управата за извршување на санкциите информираат дека за време на работните активности осудените лица ќе бидат под постојан надзор на припадниците на затворската полиција.
Целта на акцијата е подобрување на состојбата и хигиената покрај патната инфраструктура, но и создавање можности за работно ангажирање на осудените лица преку активности кои се од корист за заедницата.