Шумскиот пожар кој вчера попладне избувна во близина на селото Бајково, на планината Огражден, повторно се активираше денеска, иако претпладнево беше соопштено дека е ставен под контрола.
Поради наглото влошување на состојбата над селото, веднаш е активирана воздушна поддршка и три „ер-трактори“ веќе дејствуваат на теренот.
На терен се мобилизирани голем број професионалци и доброволци кои се обидуваат да го локализираат огнот. Во гаснењето на пожарот во моментов учествуваат:
- ТППЕ Струмица (Територијална противпожарна единица);
- Екипи на ЈП „Национални шуми“;
- Доброволното противпожарно друштво „Рис-Оперативци“ од Ново Село;
- Припадници на Шумската полиција;
- Бројни локални доброволци.
Вчерашниот ден беше особено критичен откако пожарот, кој зафати ниска вегетација и мешана шума, брзо се прошири и директно ја загрози локалната црква. Сепак, со крајни напори на пожарникарите и мештаните, ширењето на огнот беше запрено навреме, со што верскиот објект беше целосно спасен.
Според најновиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска до 13:00 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно три пожари на отворен простор. Од нив, активен е само еден (пожарот кај Бајково), еден е ставен под контрола, додека еден пожар е целосно изгаснат.