Иран нема да дозволи мешање на САД во Ормускиот теснец, изјави денес портпарол на врховното воено раководство на земјата, пренесуваат агенциите Ројтерс и Франс прес. Техеран го дефинира теснецот како „црвена линија“.
Портпаролот предупреди дека Иран ќе изврши удари врз инфраструктурата низ целиот регион доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги спроведе своите закани за напади врз ирански цели.
„Целата инфраструктура во регионот ќе биде здробена под силните удари на моќните вооружени сили на Исламска Република Иран, до таа мера што од неа нема да остане ниту трага, како никогаш да не постоела“, се наведува во соопштението на Обединетото командување на вооружените сили на Иран, објавено како реакција на заканите на американскиот претседател, пренесува Франс прес.
Изјавите доаѓаат во услови на засилени тензии меѓу Техеран и Вашингтон и зголемени регионални ризици околу безбедноста на клучните поморски патишта.