Голем број хотели, угостителски објекти, туристички населби и приватни куќи долж охридското крајбрежје и натаму претставуваат потенцијален или директен извор на загадување на Охридското Езеро, предупредува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот Извештај за проценка на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење.
Според извештајот, иако колекторскиот систем ги собира отпадните води од Охрид и Струга и ги пренесува до пречистителната станица во селото Враништа, значителен број објекти сè уште не се приклучени на системот. Меѓу нив се хотелите и туристичките комплекси од потегот Десарет – Свети Наум, дел од објектите од Струга до Радожда, како и приватните куќи кај Сараиште, Канео, Света Софија и селата Трпејца, Љубаништа и Радожда.
ИЈЗ посочува дека во дел од овие населени места отпадните води завршуваат во септички јами, а во Радожда, според извештајот, дел од нив директно се испуштаат или понираат во езерото, што претставува сериозен ризик за неговиот екосистем. Како потенцијални загадувачи се наведуваат и шанковите поставени на плажите, испустите за атмосферски води во кои неретко се приклучени фекални води, како и базените во рамки на туристичките капацитети.
Посебен проблем, според ИЈЗ, е локалниот канализациски систем во комплексот Свети Наум. Иако хотелот „Св. Наум“, ресторанот „Острово“ и околните угостителски објекти се приклучени на него, системот не обезбедува целосен третман на отпадните води. Во моментов функционира само дробилка за фекалии, без филтрација и хлорирање пред испуштањето во езерото.
Во извештајот се наведува и дека пречистителните постројки во автокамповите Љубаништа, Ливадишта и Градиште можат ефикасно да функционираат само доколку редовно се одржуваат, празнат и дезинфицираат.
И покрај овие предупредувања, лабораториските анализи на примероците земени од 20 мај до 24 јуни годинава покажуваат дека водата во Охридското Езеро генерално ги исполнува законските критериуми. Според физичко-хемиските параметри, најголемиот дел од езерото е класифициран во прва класа, со исклучок на мерното место Грашница, каде водата е оценета како трета класа.
Во однос на микробиолошкиот квалитет, повеќето плажи се оценети како „одлични“, додека кај плажите кај хотел „Ројал“, Лабино и каналот Студенчишта квалитетот е оценет како „добар“. Најлоша е состојбата повторно кај Грашница, каде примероците не ги исполнуваат критериумите ниту за оцена „добра“.
ИЈЗ препорачува итно проширување и целосно функционализирање на колекторскиот систем, приклучување на сите објекти долж крајбрежјето, спречување на мешањето на атмосферската и фекалната канализација, како и континуирано следење на квалитетот на водата.
Во извештајот се наведува дека во Преспанското Езеро не се евидентирани значајни извори на загадување, а анализите на водата покажале ниско ниво на ризик.
За разлика од тоа, кај Дојранското Езеро како главни потенцијални загадувачи се посочуваат земјоделските активности, употребата на пестициди и вештачки ѓубрива, отпадните води од викенд-населбите и комуналниот отпад. Од ИЈЗ препорачуваат засилен мониторинг и координирани активности меѓу македонските и грчките институции за долгорочна заштита на езерото.