Свет

Макрон: Франција се соочува со најголемите шумски пожари од Втората светска војна

Макрон: Франција се соочува со најголемите шумски пожари од Втората светска војна

Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот изјави дека неговата земја се соочува со најголемите шумски пожари од Втората светска војна, додека пожарникарските служби во Франција, Шпанија и Обединетото Кралство се обидуваат да ги стават под контрола огнените стихии.

При посетата на пожарникарите кои се борат со пожарите во легендарната шума Фонтенбло, јужно од Париз, Макрон изјави дека ова лето ќе биде „тешко“, бидејќи рекордите за пожари се соборени уште пред да започне главниот дел од сезоната на шумски пожари.

Јавните обвинители започнаа истрага против компанија и нејзини работници кои користеле електрична пила додека вршеле поправки на блискиот автопат. Истражителите веруваат дека искра од пилата ја запалила сувата вегетација.

Во меѓувреме, уапсен е и доброволен пожарникар кој признал дека подметнал пожар користејќи запалка и бензин. Друг маж, пак, ненамерно предизвикал пожар откако фрлил догорче од цигара.

Во Шпанија, властите соопштија дека пожарот во регионот Арагон досега уништил околу 4.500 хектари шума, ниска вегетација и земјоделско земјиште. Регионалната влада во североисточниот дел на земјата информираше дека пожарот во близина на селата Ореса и понатаму е надвор од контрола.

Неколку блиски села биле евакуирани, а медиумите јавуваат дека околу 500 луѓе биле погодени од пожарот. Властите очекуваат да бидат потребни неколку дена за целосно ставање на огнот под контрола.

Поради шумски пожар во шкотските висорамнини, исто така, биле евакуирани домови, кампови и други објекти. Британските медиуми објавија дека пожарот избувнал во средата наутро и горел во текот на ноќта во националниот парк Кернгормс.

До четврток попладне пожарот бил ставен под контрола.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни