Американските безбедносни служби заплениле повеќе од 700 дронови во близина на стадионите и навивачките зони од почетокот на Светското првенство во фудбал на 11 јуни, соопшти Федералното биро за истраги (ФБИ).
За време на деновите кога се играат натпревари, забранети се сите летачки активности, вклучително и летовите на дронови, во радиус од околу 5,6 километри од стадионите и до височина од 914 метри, освен доколку не постои посебно одобрение од контролата на летање.
Од ФБИ информираа дека дроновите биле откриени и запленети во забранет воздушен простор во сите 11 американски градови-домаќини, а биле уапсени и повеќе лица.
Федералната управа за воздухопловство (FAA) воведе десетици привремени ограничувања за летови, со кои се забранува користење дронови во близина на локациите каде што се одржуваат натпреварите.
Во навивачките зони, забраната се однесува на радиус од околу 1,9 километри и височина до 305 метри.
Според ФБИ, операторите чии дронови без дозвола ќе навлезат во забранет воздушен простор можат да се соочат со парична казна до 100.000 долари, кривично гонење и одземање на леталото.
ФБИ распоредил специјализирани тимови околу стадионите со цел откривање и неутрализирање на неовластени дронови.
Директорот на FAA, Брајан Бедфорд, изјави дека заплените покажуваат дека властите имаат можност да ги идентификуваат операторите кои управуваат со дронови во забранети зони.
Тој додаде дека FAA планира да им овозможи на операторите на клучна инфраструктура да побараат воведување забрана за летови на дронови над нивните објекти од безбедносни причини.
„Ќе започнеме да ги разгледуваме сите чувствителни локации – електрани, комунални објекти и друга клучна инфраструктура“, изјави Бедфорд.
Од FAA наведуваат дека секој месец добиваат повеќе од 100 пријави за дронови кои летаат во близина на аеродроми.
Слични инциденти со дронови се регистрирани и во претходните години за време на големи спортски настани во САД.
Во 2025 година, еден маж призна вина откако беше обвинет дека управувал со дрон над стадион за време на плејоф натпревар од Националната фудбалска лига (NFL) во Балтимор, со што ја прекршил забраната за летање во заштитен воздушен простор.