Пороен дожд што вечерва го зафати подрачјето на Битола во периодот од 20:40 до 21:40 часот предизвика поплавување на куќи, дворови и помошни простории на повеќе локации во градот.
Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Битола, пријави за поплави биле примени преку бројот Е-112 од улиците „Прилепска“, „Ѓорче Петров“, „Партизанска“, „Крсте Нале“, „Коста Абрашевиќ“, „Даме Груев“, „Црвена Вода“, „Чеде Филиповски – Даме“ и „Мирче Ацев“.
За настаните веднаш биле известени надлежните служби на Општина Битола. Екипи на ЈКП „Нискоградба“, во координација со другите јавни претпријатија и Територијалната противпожарна единица Битола, се на терен и работат на расчистување на одводните шахти и испумпување на водата од поплавените куќи и дворови.
Во моментов состојбата е стабилизирана. Дождот престанал, а водата постепено се повлекува во одводните канали.