Македонија

Државата планира национален дата-центар: Основа за дигитални услуги, сајбер безбедност и вештачка интелигенција

Државата планира национален дата-центар: Основа за дигитални услуги, сајбер безбедност и вештачка интелигенција

Изградба на современ државен дата-центар е еден од клучните проекти за дигиталниот развој на Македонија, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Според него, се обезбедуваат локацијата и финансискиот модел за реализација на проектот, кој треба да биде основа за владиниот облак, подобрена сајбер безбедност и развој на нови технологии.

Андоновски посочи дека веќе е изработена физибилити студија и дека проектот не претставува само изградба на објект за сместување сервери, туку стратешка државна инфраструктура која треба да го поддржи дигиталниот развој во следните децении.

„Ако патиштата ги поврзуваат градовите, дата-центарот ги поврзува институциите. Наместо секоја институција да има свои серверски простории со различно ниво на безбедност, државата ќе има едно современо, високозаштитено и енергетски ефикасно место од каде што ќе се обезбедуваат дигиталните услуги во наредните 20 до 30 години“, изјави Андоновски.

Тој нагласи дека централизираниот систем ќе овозможи поголема заштита на податоците, посигурно функционирање на институциите и полесно воведување на нови дигитални услуги за граѓаните.

За изградба на дата-центри неодамна зборуваше и министерот за транспорт Александар Николоски, кој посочи дека со новите законски решенија за урбанистичко планирање и градење е надмината правната празнина и создадени се услови за реализација на вакви проекти.

Според Николоски, иако досега нема конкретни иницијативи од приватниот сектор за изградба на дата-центар, државата сериозно размислува за сопствена инвестиција со цел заштита на институционалните системи.

„Мислам дека е паметно Македонија во идниот период да размислува за една државна инвестиција за да ги заштитиме државните институции. Од безбедносни причини важно е да имаме систем што целосно го контролира државата“, изјави Николоски.

Проектот за државен дата-центар се гледа како важен чекор кон модернизација на јавната администрација, намалување на ризиците од сајбер напади и создавање инфраструктура која ќе одговори на идните потреби од областа на дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни