Инцидентот за време на даночна контрола на туристичкиот локалитет „Камени Кукли“ кај Кратово предизвика остра реакција од Управата за јавни приходи, која го осуди нападот и попречувањето на службените лица додека ги извршувале своите законски обврски.
Од УЈП порачаа дека ниту еден службеник не смее да биде изложен на насилство, закани или притисоци при вршење на службените задачи.
„Нападот врз даночен контролор не е само напад врз вработените во Управата за јавни приходи, туку и напад врз владеењето на правото и врз институциите на државата. Даваме целосна поддршка на нашите колеги кои професионално и совесно ги извршуваат работните задачи и очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да обезбедат соодветна законска одговорност за сторителот“, соопштија од УЈП.
Оттаму додаваат дека институцијата ќе продолжи со спроведување на законите еднакво кон сите, без отстапки и без страв, нагласувајќи дека насилството нема да биде причина службите да се откажат од своите обврски.
Апелот до граѓаните и даночните обврзници е да соработуваат со службените лица и да придонесат за создавање средина во која институциите ќе можат непречено да функционираат.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Куманово побара определување притвор за 41-годишен британски државјанин, осомничен дека со камења нападнал даночни инспектори за време на контролата на локалитетот „Камени Кукли“ во селото Куклица.
Против осомничениот е поведена постапка за кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, според член 382 став 3 од Кривичниот законик.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 16 јули, кога двајца даночни контролори од УЈП вршеле службена проверка поврзана со претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност на локалитетот.
Осомничениот, според обвинителството, започнал да фрла камења кон инспекторите и нивното службено возило, по што тие биле принудени да го напуштат местото без да ја завршат контролата.