Во подрачјето на Гостивар ќе биде прогласена епидемија на заразна болест, со цел поефикасна координација и контрола на состојбата, изјави д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје. Тој нагласи дека мерките за превенција и надзор веќе се спроведуваат од сите надлежни институции, а формалното прогласување епидемија ќе овозможи уште подобра меѓуинституционална соработка.
Досега се пријавени вкупно 140 лица со симптоми на заразна болест. Дел од нив се веќе епидемиолошки анкетирани, а за останатите постапката е во тек, што го спроведуваат тимовите на епидемиолози од Гостивар и Институтот за јавно здравје. Преку системот „Алерт“ е регистриран пораст на стапката на заболени и надминување на неделниот праг на територијата на Гостивар.
Институтот за јавно здравје е во континуирана комуникација со Центарот за јавно здравје Тетово – Подрачна единица Гостивар, Министерството за здравство, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. По барање на Јавното обвинителство, екипи на Институтот излегоа на терен на посочените локации, каде беа земени примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на водата. Анализите започнаа веднаш по враќањето на екипите во раните утрински часови, а резултатите ќе му бидат доставени на Јавното обвинителство за натамошно постапување во текот на утрешниот ден.
Одделот за епидемиологија е во постојана врска со надлежниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје Тетово – Подрачна единица Гостивар. Институтот даде насоки за епидемиолошко анкетирање и земање мостри од пациенти за микробиолошка анализа и се стави на целосна располагање за поддршка при анкетите и обработката на мострите.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули 2026 година издаде привремена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем, поради основано сомнение за загадување и небезбедност за употреба. На граѓаните им се препорачува да не ја користат водата за пиење или за подготовка на храна сè додека не биде официјално соопштено дека е безбедна. Институтот за јавно здравје ги ангажира сите стручни и лабораториски капацитети и ќе продолжи интензивно да работи до целосно утврдување на причините и стабилизирање на состојбата.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар информираа дека се преземаат дејствија по пријава за квалитетот на водата за пиење. Локацијата во Вруток е обезбедена по наредба на јавен обвинител, а по приемот на лабораториските резултати ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката, за што јавноста ќе биде навремено известена.