Додека во Гостивар продолжуваат мерките по прогласената епидемија поради проблемот со водоснабдувањето, Владата започнува со секојдневна дистрибуција на питка вода за населението. За денеска се обезбедени три шлепери со вкупно 76 илјади литри вода, а количините дополнително ќе се зголемуваат доколку тоа го наложат потребите на граѓаните.
Информацијата ја соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, кој посочи дека институциите се во постојана координација и ја следат состојбата во Гостивар.
„Од првиот момент кога беше пријавен проблемот со водоснабдувањето, Владата е во директна комуникација со сите надлежни институции. Покрај спроведувањето на контролите и анализите, донесовме одлука за интервентно обезбедување питка вода за граѓаните“, изјави Томовски.
Водата ќе се распределува на повеќе пунктови низ градот, меѓу кои Водостопанство Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ кај гаражите, Општата болница Гостивар и Територијалната противпожарна единица.
Од Владата информираат дека, доколку има потреба, бројот на локации ќе се проширува, а дополнително вода ќе се доставува директно до градинките и болницата за да се обезбеди нормално функционирање на клучните институции и заштита на најранливите категории.
Томовски порача граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации од надлежните институции и да ги почитуваат препораките во врска со користењето на водата.
„Приоритет останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата реакција на институциите и целосното надминување на состојбата“, нагласи директорот на СОЗР.
Одговарајќи на новинарско прашање дали обезбедените количини се доволни, Томовски рече дека снабдувањето ќе се приспособува според реалните потреби.
„Денеска ќе бидат доставени три шлепери со околу 76 илјади литри вода. Доколку има потреба, количините ќе се зголемат, а не ја исклучуваме ниту можноста за вклучување цистерни. Граѓаните не треба да се грижат, ќе обезбедиме сè што е потребно за непречено функционирање“, додаде тој.