Свет

Словенечката влада: Отфрлањето на кандидатурата на Тања Фајон за специјален пратеник на ЕУ не е политички мотивирано

Словенечката влада: Отфрлањето на кандидатурата на Тања Фајон за специјален пратеник на ЕУ не е политички мотивирано
Ljubljana, MZEZ. Zunanja ministrica Tanja Fajon.

Кандидатурата на поранешната словенечка министерка за надворешни работи Тања Фајон за специјален пратеник на Европската унија за регионот Сахел е отфрлена не поради политички причини, туку поради сомнежи за корупција, соопшти Службата за комуникации на словенечката влада во соопштение за јавност.

Во изјавата се наведува дека во медиумите се појавиле неточни информации. „Проверка, наредена од новата влада, утврди дека постапката за номинирање била незаконска и можеби дури вклучувала корупција. Врз основа на извештајот од проверката, кој беше усвоен од владата, во моментов се подготвува кривична пријава“, се вели во соопштението.

„Одлуката кандидатурата на Тања Фајон да биде запрена, следствено, не е политички чин, туку чекор преземен за заштита на владеењето на правото и за справување со можната корупција“, наведува владата.

Вчера словенечките медиуми објавија дека високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас ја одбила кандидатурата на Фајон за специјален пратеник за Сахел под притисок од актуелните словенечки власти. Фајон за словенечката новинска агенција СТА потврди дека Калас ја одбила нејзината номинација, изразувајќи жалење што „дневната политика натежна над државните и европските интереси“ и дека Словенија ја пропуштила можноста за ваква висока позиција во европската дипломатија.

Кон крајот на јуни, Калас им испрати писмо на земјите членки на Европската унија, во кое соопшти дека по спроведена постапка најквалификувана за функцијата специјален пратеник за Сахел е Тања Фајон, поранешна министерка за надворешни работи од либералната влада на поранешниот словенечки премиер Роберт Голоб, потсетува словенечката национална телевизија РТВ Сло.

Фајон нагласи дека при примопредавањето на функцијата министер за надворешни работи на Тоне Кајзер од новата десничарска влада на актуелниот премиер Јанез Јанша, го известила дека учествува во постапката и дека тој ѝ изразил поддршка.

Во петок словенечкото Министерство за надворешни работи за РТВ Сло соопшти дека ја доведува во прашање кандидатурата на Фајон, бидејќи не била предложена од тогашниот премиер Роберт Голоб, туку од генералниот секретар на министерството, кој во тој момент ѝ бил подреден.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни