Една несреќа, еден протест, неколку предупредувања и институционален молк. Вака накратко може да се опише кризата со водата за пиење во Гостивар, која од локален проблем со водоснабдувањето прерасна во истрага за загадување на водоводниот систем и предизвика страв кај илјадници граѓани.
Првиот настан кој денес повторно отвора прашања се случил на 15 јуни. Според полицискиот билтен, вработен во ЈП „Комуналец“ загинал додека интервенирал во канал поврзан со водоводниот систем. Првичните информации биле дека работникот бил испратен да исчисти одводен канал, но се заглавил и починал. Иако помина повеќе од еден месец, Обвинителството и Министерството за внатрешни работи не откриваат дали е утврдена точната причина за несреќата и дали се испитува поврзаноста со подоцнежните случувања.
Само четири дена подоцна, на 19 јуни, жителите на Дебреше излегоа на протест пред Општина Гостивар барајќи поголем притисок на водата. Протестот заврши со искршено стакло на влезната врата од општината, но локалната самоуправа не поднела пријава. Од МВР наведоа дека случајот се гони по приватна тужба.
Во тоа време, јавноста не знаеше дека само неколку дена подоцна, според обвинителството, ќе биде донесена одлуката што доведе до загадување на водата. Истрагата тврди дека на 25 јуни биле поставени три потопни пумпи во канал со површинска вода што содржела штетни материи, во непосредна близина на комората со вода за пиење. За ова се осомничени в.д. директорката на ЈП „Комуналец“, техничкиот раководител и раководителот на водовод.
Истовремено, комуникацијата со граѓаните останува едно од најспорните прашања. Единственото јавно предупредување било објавено на Фејсбук-страницата на ЈП „Комуналец“ на 25 јуни, каде што било наведено дека водата не е за користење поради активности на мрежата. По тоа известување немало ново официјално соопштение кога водата повторно станала безбедна.
Дополнителна дилема отворија и резултатите од лабораториските анализи. Иако првично беше соопштено дека водата е исправна, министерот за здравство Сашо Клековски откри дека постоеле и две негативни мислења за исправноста на водата. Од друга страна, експертскиот тим на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кој сега му помага на Гостивар, утврди хемиска и микробиолошка неисправност на дел од примероците и препорача засилено хлорирање и секојдневен мониторинг.
Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им одреди триесетдневен притвор на тројцата осомничени, а Апелација ја одби нивната жалба. Истрагата продолжува, но сè уште нема одговори на неколку клучни прашања: зошто загинатиот работник бил испратен во каналот, дали неговата смрт има врска со подоцнежните интервенции на водоводниот систем, кога институциите првпат дознале дека водата не е исправна и зошто граѓаните не биле навреме информирани.
За гостиварци, кризата не беше само проблем со водата за пиење. Таа ја отвори дилемата колку навремено и транспарентно институциите реагираат кога станува збор за јавното здравје и дали сите предупредувачки сигнали биле навреме препознаени. Одговорите на овие прашања треба да ги даде истрагата, но и да утврдат дали во целиот синџир имало пропусти што можеле да се спречат.