Македонија

Црвениот крст со масовна акција во Гостивар: Вода, пробиотици и помош за најранливите

Црвениот крст со масовна акција во Гостивар: Вода, пробиотици и помош за најранливите

Црвениот крст на Република Северна Македонија ги сумираше активностите што ги спроведе во периодот од 20 до 24 јули, по загадувањето на водата за пиење во Општина Гостивар. Во изминатите неколку дена, преку координирана акција со институциите, донаторите и волонтерите, беа обезбедени вода за пиење, здравствена и психосоцијална поддршка за погоденото население.

Според извештајот, во Гостивар биле обезбедени и дистрибуирани вкупно 111,5 тони флаширана вода, која била доставена преку Црвениот крст, локалните власти, компании и други донатори. Најголемиот дел, односно 100 тони, биле обезбедени од резервите на Црвениот крст, додека останатите количини биле донации од Пивара Скопје, Општина Чаир, Ротари клуб Виница–Кочани и Општина Гостивар.

Водата била распределувана преку пунктот на Општинската организација на Црвениот крст во Гостивар, како и со теренски тимови кои ја доставувале до најпогодените семејства и ранливите категории граѓани.

Покрај водата, со финансиска поддршка од Општина Гостивар биле обезбедени и 700 пакувања пробиотици за возрасни и 170 пакувања за деца, кои биле поделени согласно препораките на здравствените установи.

Дополнителна помош добиле и здравствените институции. Преку донација од „Алкалоид“ биле обезбедени средства за хигиена и дезинфекција, кои биле распределени во Општата болница во Гостивар, три детски градинки и десетина приватни здравствени установи.

Во текот на кризата, мобилните тимови на Црвениот крст спровеле интензивни теренски активности и посетиле околу 2.000 семејства. Освен дистрибуција на вода и неопходни средства, тие вршеле проценка на потребите, ги информирале граѓаните за препораките на здравствените власти и ги евидентирале лицата на кои им била потребна дополнителна помош.

За справување со последиците од кризата била воспоставена и СОС телефонска линија за психосоцијална поддршка, на која досега се јавиле 90 граѓани барајќи советување, информации и помош.

Во сите активности биле ангажирани околу 50 вработени и волонтери, со поддршка од Централната канцеларија на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Црвениот крст на Град Скопје и Општинската организација на Црвениот крст – Гостивар.

Од Црвениот крст информираат дека, покрај теренските активности, е отворена и сметка на Фондот за солидарност, преку која правни и физички лица можат да донираат средства за поддршка на населението погодено од кризата со загадената вода во Гостивар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни