Македонија

Епидемијата во Гостивар се стабилизира: Намален бројот на пациенти 

Епидемијата во Гостивар се стабилизира: Намален бројот на пациенти 

Состојбата со епидемијата во Гостивар покажува знаци на стабилизација, откако по достигнатиот пик во средината на јули бројот на пациенти кои бараат медицинска помош почна постепено да се намалува, покажуваат најновите податоци на Министерството за здравство.

Во периодот од 14 до 26 јули 2026 година, во Општата болница и Здравствениот дом во Гостивар се регистрирани вкупно 4.197 први прегледи на пациенти со симптоми поради кои побарале лекарска помош.

Од нив, 2.351 преглед се реализирани во Општата болница, додека 1.846 пациенти првпат се јавиле во Здравствениот дом.

Најтешка била состојбата на 18 јули, кога бил забележан најголемиот број прегледи – 649 во еден ден. Тогаш во Општата болница биле прегледани 334 пациенти, а во Здравствениот дом 315 лица. Само ден подоцна, на 19 јули, здравствените власти официјално прогласија епидемија.

По прогласувањето на епидемијата, бројот на нови пациенти почнал да опаѓа. Од над 500 прегледи дневно во периодот меѓу 17 и 19 јули, последните денови бројките се спуштени под 130 прегледи дневно.

Според последниот пресек, на 26 јули се евидентирани 127 прегледи, што е речиси исто ниво како и претходниот ден кога биле регистрирани 125.

Во Општата болница Гостивар се направени 91 преглед, од кои 50 биле на Педијатрија, а 41 на Инфективното одделение. Истиот ден биле регистрирани и две нови хоспитализации – една на Инфективното одделение и една на Педијатрија.

Во Здравствениот дом Гостивар биле евидентирани 36 прегледи, што е намалување во однос на претходниот ден.

Заклучно со 26 јули, официјално се пријавени 833 случаи на заразна болест, од кои 32 нови пријави се регистрирани во текот на последниот ден. Епидемиолошките екипи досега анкетирале 563 пациенти, односно околу 68 отсто од вкупниот број пријавени случаи.

Здравствените власти и понатаму ја следат состојбата на терен и апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за превенција и навремено да побараат медицинска помош доколку почувствуваат симптоми.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни