Македонија

Семејствата на загинатите кај Блаце бараат одговорност за необезбедената делница

Семејствата на загинатите кај Блаце бараат одговорност за необезбедената делница

Семејствата на тројцата загинати во тешката сообраќајна несреќа кај граничниот премин Блаце бараат целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста за трагедијата.

За понатамошните постапки тие ангажирале адвокат Арианит Кочи, кој информираше дека ќе ги застапува блиските на Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Според него, и покрај посетата во Северна Македонија, семејствата сè уште немаат добиено конкретни одговори за клучните прашања поврзани со несреќата.

Главната дилема на роднините на загинатите е како автомобилот успеал да пристапи на делница која официјално била затворена за сообраќај поради градежни активности.

Адвокатот посочува дека треба да се утврди кој бил изведувач на работите, кој вршел надзор и кој имал обврска да го обезбеди просторот додека траела изградбата.

Особено внимание привлекува фактот што пристапот кон затворената делница, според семејствата, не бил физички блокиран, поради што возилото можело да продолжи по трасата и да заврши во ископ.

Дополнителни сомнежи предизвикува и тоа што по несреќата биле поставени дополнителни пречки – влезот бил затворен со чакал и била поставена сообраќајна сигнализација. Семејствата бараат одговор зошто вакви мерки не биле преземени пред трагедијата.

Кочи истакна дека досега нема информации за приведени лица или осомничени во врска со случајот и дека очекуваат институциите детално да ги испитаат сите околности.

Несреќата се случи на 19 јули на делницата од автопатот Граничен премин Блаце – Скопје, која била затворена поради изградба. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, автомобил „мерцедес“ со германски регистарски ознаки излетал од патот и се превртел.

Во несреќата загинаа 64-годишниот У.Т. од Косово, кој живеел во Германија, како и 56-годишната Ф.Ш.Т. од Косово и 54-годишната Џ.К. од Турција, со живеалиште во Германија.

Истрагата треба да утврди дали станува збор за несреќен случај или трагедијата била последица на пропусти во обезбедувањето на делницата која била во изградба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни