Македонија

Мицкоски: „Следната недела очекувам намалување на дизелот и бензините“

Мицкоски: „Следната недела очекувам намалување на дизелот и бензините“

По последното зголемување на цените на нафтените деривати, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за нивно намалување во наредниот период. Тој очекува следната недела да има поевтини дизел и бензин, откако ќе биде направена нова пресметка на акцизите и движењето на цените на светските берзи.

Мицкоски посочи дека акцизите за горивата се анализираат на секои две недели, а новата пресметка ќе биде направена во понеделник, по завршувањето на периодот до 31 јули.

„На секои две недели се анализираат акцизите. Сега завршува втората половина од месецот и веќе во понеделник ќе направиме просек за тој период. Врз основа на тие параметри ќе се делува врз цената на нафтените деривати“, изјави премиерот.

Тој додаде дека во последните денови цената на суровата нафта на светските пазари бележи пад и моментално се стабилизира на ниво од околу 85 до 86 долари за барел.

„Следната недела очекувам поголемо намалување на цената на дизелот и бензините“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека нафтените деривати се берзански производ и дека сите земји ги набавуваат од истиот глобален пазар. Според него, Македонија и понатаму има најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во регионот, а се наоѓа и меѓу европските земји со пониски цени.

Последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика донесе зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти. Со неа, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава по најмногу 95 денари за литар.

Од РКЕ информираа дека корекцијата била направена поради растот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Сепак, утврдените цени се максимални, што значи дека бензинските станици можат да продаваат горива и по пониски цени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни