Македонија

Полициски службеници спасија две девојки кои со СУП даски ветерот ги оддалечил од брегот на Охридското Езеро

Полициски службеници спасија две девојки кои со СУП даски ветерот ги оддалечил од брегот на Охридското Езеро

Две млади охриѓанки биле спасени откако поради силен ветер и големи бранови со СУП даски се оддалечиле од брегот на Охридското Езеро и не можеле да се вратат назад.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека вчера во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро било пријавено дека две лица кои пловеле со СУП даски на околу 1.000 метри од брегот, наспроти авто камп во Охрид, со извикување барале помош.

По добиената пријава, полициски службеници од езерската полиција веднаш се упатиле кон посочената локација. По потрагата, лицата биле забележани на околу 2.000 метри оддалеченост од брегот, како се обидуваат да го одржат пловењето и бараат помош.

Полициските службеници веднаш интервенирале и ги префрлиле двете лица на полициски чамци, при што било утврдено дека станува збор за Е.С. (19) и И.А. (18), двете од Охрид.

Според нивните изјави, поради наглото влошување на временските услови, силниот ветер и високите бранови, со даските биле однесени подалеку од брегот и не биле во можност самостојно да се вратат.

Двете лица безбедно биле пренесени во просториите на езерската полиција.

СВР Охрид и езерската полиција упатуваат апел до сите капачи и корисници на СУП даски, педалинки и други рекреативни средства на вода да не се оддалечуваат од означените безбедносни зони и да ги почитуваат препораките за безбедност, особено при влошени временски услови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни