Две лица се лишени од слобода, а 15 странски државјанки се приведени во полициска акција спроведена во два угостителски објекти на подрачјето на Гостивар, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Акциската контрола била реализирана во текот на ноќта, во периодот од 2 до 4 часот, од страна на полициски службеници од СВР Тетово – ОВР Гостивар.
Во угостителски објект во селото Чегране бил приведен М.Х. (50) од селото Форино. Според МВР, откако ги забележал полициските службеници, тој ја заклучил влезната врата и ги предупредил присутните да избегаат. Сепак, полицијата со брза интервенција го блокирала задниот излез и спречила бегство на повеќе странски државјанки.
Во друг угостителски објект, на подрачјето на Полициското одделение Галате, бил лишен од слобода А.А. (53) од Гостивар, откако кај него била пронајдена марихуана.
При контролите во двата локала, поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта за која влегле во државата, приведени се вкупно 15 странски државјанки на возраст од 19 до 40 години. Од нив, 11 биле затекнати во угостителскиот објект во Чегране, а четири во објектот на подрачјето на Полициското одделение Галате. Станува збор за државјанки на Србија, Албанија и Колумбија.
Од МВР информираат дека сите приведени се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.