Ивана Петковска од Коалицијата за правично судење, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, изрази сомнеж во начинот на кој се постапува со предметите поврзани со корупција и организиран криминал.
Таа посочи дека фактот што нема отворени предмети против одредена политичка партија остава прашања за тоа дали законот се применува еднакво за сите.
Петковска се осврна и на предмети кои биле отворени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а подоцна биле запрени. Според неа, одлуките за запирање на постапките, особено во случаи на корупција, треба да бидат јасно и детално образложени.
Во интервјуто таа го објасни и процесот на избор на нов шеф на ОЈО ГОК. На 28 октомври сите јавни обвинители ќе гласаат на тајни избори, а резултатите ќе ги разгледува Советот на јавните обвинители. Како позитивен чекор, Петковска го посочи јавното претставување на кандидатите.
Говорејќи за четиригодишната работа на ОЈО ГОК, таа оцени дека врз работата значително влијаеле измените на Кривичниот законик, особено во делот на членот 353. Според неа, за ефикасно гонење на организираниот криминал и корупцијата се потребни доволно човечки ресурси, финансии и кадар.
Петковска предупреди и на долгото траење на истрагите и судските постапки, посочувајќи дека без доволно ресурси ниту обвинителството, ниту судовите не можат да обезбедат брза и ефикасна правда.
Таа се осврна и на работата на Судскиот совет. Според неа, проблемот не е само во законите, туку и во нивната имплементација. Посочи дека трипати бил неуспешен обидот Собранието да избере нов член на Судскиот совет, без, како што рече, јасно образложение зошто материјалите биле повлекувани.
Коалицијата за правично судење, додаде Петковска, повеќепати наишла на ограничувања во присуството на одредени постапки, иако организацијата е специјализирана за мониторинг на судски предмети и следење на реформите во правосудството.