Министерството за здравство најави вонредна инспекција во Клиничката болница во Штип, откако 19-годишна пациентка останала со тешки невролошки последици по породување со царски рез. Институцијата соопшти дека случајот внимателно се следи и дека е воспоставена постојана комуникација со надлежните здравствени установи.
Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да спроведе вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, ќе биде инициран и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установите вклучени во случајот.
Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека вонреден надзор ќе се спроведе во сите три здравствени установи во кои била згрижувана 19-годишната Станка Михајлова од селото Баница.
Според информациите објавени од „Слободен печат“, пациентката по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментно се движи со инвалидска количка.