На 72-годишна возраст, во Скопје, почина Исмаил Бојда, почесен претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР).
Веста ја соопшти актуелниот претседател на СМИР, Љатиф Пајкоски, кој изрази длабоко сочувство и истакна дека заедницата изгубила голем човек, патриот, другар и пријател. Тој нагласи дека Бојда целиот свој живот го посвети на заштитата и унапредувањето на правата на Македонците кои ја исповедаат исламската религија, оставајќи дела што ќе бидат пример за идните генерации.
Бојда постојано се залагаше за македонско единство и често порачуваше дека е суштинска потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивната верска припадност или местото на живеење.
Исмаил Бојда е по потекло од селото Борје, областа Гора, Косово. Погребот ќе се одржи утре во Скопје, каде што живееше со своето семејство.