Во Гватемала започна итна евакуација на локалното население поради ерупцијата на вулканот Фуего. Вулканот исфрла големи облаци гас и пепел, додека лава и пирокластични потоци се спуштаат по неговите падини. Жителите на две блиски населени места се евакуираат, а властите прогласија портокалов степен на опасност.
Гватемалската агенција за вонредни состојби Конред соопшти дека Фуего, чието име на шпански значи „оган“, испраќа пирокластични потоци — високо температурна смеса од гас, пепел и карпести фрагменти што со голема брзина се движи по падините на вулканскиот масив. Столбот од вулканска пепел достигнува над 6.000 метри надморска височина.
Затворен е важен пат во близина на вулканот, а наставата во околните градови е прекината. Се очекува појава и таложење на пепел во соседните области.
При силна ерупција на Фуего во 2018 година загинаа стотици луѓе, а цело село беше уништено. Надлежните апелираат населението да ги следи упатствата и да остане претпазливо.