Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција води кривична постапка против полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за внатрешни работи Скопје, поради постоење основано сомнение за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Од досега прибраните докази произлегува дека во периодот од април до јули годинава, во Скопје, осомничениот, како службено лице, со умисла преземал повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно извршување на исто кривично дело. Искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, тој ја злоупотребувал службената положба и овластувања, односно не ја извршувал службената должност, при што за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист и предизвикал штета на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од најмалку 85.500 денари.
Додека извршувал работни задачи во депото на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, за дел од лицата на кои претходно, со специјално возило – „пајак“, им било подигнато возилото поради непрописно паркирање, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог. Наместо глобата да ја наплати преку ПОС-терминал, ја наплаќал во готовина. На записниците прикачувал потврда (слип) од ПОС-терминал за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице, додека паричните средства примени во готовина ги задржувал за себе.
Во други случаи, осомничениот прибавил противправна имотна корист за други лица и причинил оштетување на Буџетот на Република Северна Македонија така што, за дел од нив, прекршокот го квалификувал како полесен и изрекувал помала глоба, спротивно на претходно утврдената фактичка состојба. За друг дел од лицата, пак, воопшто не изготвувал записник ниту наплатувал глоба, иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, туку дозволувал возилата истиот ден да го напуштат депото.
За непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, заснован на околностите што укажуваат на опасност од бегство, опасност од повторување на кривичното дело, како и опасност од влијание врз сведоците кои во текот на постапката дополнително ќе бидат повикани и испитани. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.