Резултатите од анализата на водата за пиење во Гостивар ќе бидат објавени до 20 август, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, истакнувајќи дека епидемиолошката состојба во градот постепено се стабилизира и дека земјата излегува од акутната фаза.
Гостувајќи во емисијата „Вести плус“ на телевизија „Канал 5“, Клековски појасни дека бројот на новопријавени пациенти со стомачни проблеми значително се намалил и се движи во рамки на вообичаениот просек за овој период од годината.
„Излегуваме од акутната фаза и веќе влегуваме во нормален период. Бројот на новопријавени пациенти се движеше од 40 до 80 во изминативе неколку дена, што е споредливо со бројките од минатиот август, кога вообичаениот број на стомачни проблеми со дијареа и повраќање се движи меѓу 25 и 100“, изјави Клековски.
Сепак, министерот нагласи дека епидемијата нема официјално да биде прогласена за завршена сè додека целосно не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со питката вода.
Експертски тимови ја подготвуваат хронологијата на настаните
Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) спроведуваат детални анкети и ги анализираат сите пријави за заразни болести. По стивнувањето на акутниот бран, експертски тим од Министерството работи на комплетна анализа на случајот.
„Сакаме хронологијата да ја споделиме со другите надлежни институции — Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) — за тие да ја дополнат, по што истата јавно ќе ја објавиме“, посочи Клековски.
Одговор до обвинувањата од опозицијата
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, Клековски упати порака до СДСМ конечно да дефинираат за кое кривично дело го обвинуваат и да поднесат соодветна пријава.
„Јас веднаш ќе се јавам да дадам изјава во Јавното обвинителство штом опозицијата ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Изјавите на прес-конференции, без прецизирање кој закон е прекршен, се само лош политички маркетинг. Одговорно тврдам дека и јас и Министерството реагиравме соодветно“, истакна министерот за здравство.