Албанскиот премиер Еди Рама објави дека е пуштена за сообраќај уште една значајна делница од автопатот Елбасан – Граничен премин Ќафасан, на граничната линија меѓу Албанија и Северна Македонија кај Струга.
Станува збор за втората функционална делница на овој потег, лоцирана помеѓу селата Лабинот-Фуш и Мирак, по онаа што беше пуштена во јуни пред две години.
Пократко патување и поголема безбедност
„Отворањето на овој сегмент го подобрува сообраќајот, ја зголемува безбедноста на патиштата, го скратува времето на патување и го олеснува транспортот на граѓани и стоки“, истакна Рама во објава на социјалните мрежи, пренесува новинската агенција АТА.
Патниот правец Ќафасан – Елбасан, кој претставува клучен дел од паневропскиот Коридор 8, е од категорија Б и е со вкупна должина од 50,12 километри. Автопатот се гради според сите современи стандарди:
- Две коловозни ленти во секоја насока и централен разделен појас;
- Мостови, тунели и заштитни објекти долж реката Шкумбин;
- Проектирана брзина на движење до 110 km/h.
По целосното завршување на проектот, патувањето од Елбасан до Ќафасан ќе трае околу 30 минути, за разлика од досегашните повеќе од час и половина.
Напредок на Коридорот 8
Коридорот 8 е стратешка инфраструктурна оска која ги поврзува пристаништето Бари во Италија со пристаништата Варна и Бургас во Бугарија, поминувајќи низ територијата на Албанија и Северна Македонија.
Во моментот, патната мрежа на овој коридор е завршена околу 70 проценти. Додека патниот дел се засили, железничкиот дел сè уште чека на изградба на прекуграничните деделници меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија, чие комплетно поврзување е планирано да се финализира до 2030 година.