Високите амбиентни температури донесоа значително зголемен прилив на пациенти на Детското одделение во Општата болница во Куманово, каде што дневно се вршат до 50 прегледи на најмладите.
Според детските лекари, доминираат симптомите на стомачен вирус (гастроентеритис), но се регистрираат и инфекции на горните дишни патишта, осипи и поизразени алергиски реакции по убоди од инсекти.
Алармантна состојба на Детското одделение
Педијатарот од Општата болница Куманово, д-р Маргица Арсовска, потенцира дека меѓу пациентите има и деца вратени од одмор, како и деца од дијаспората кои престојуваат во регионот:
„Децата се со проследени симптоми на повраќање, течни столици, покачена телесна температура и стомачна болка. Стомачниот вирус овој период донесе многу дечиња кои се дехидрирани, со потреба од инфузиска терапија, а дел од нив мораше да бидат и хоспитализирани“, предупредува д-р Арсовска.
Препораки од лекарите за превенција кај најмладите:
- Редовна хигиена: Често и темелно миење на рацете.
- Задолжителна хидратација: Нудење течности (вода) континуирано, дури и кога детето не чувствува или не бара жед.
- Правилна облека: Носење лесна, светла облека и заштитна капа за сонце.
- Внимателна исхрана: Умерена, свежа и лесно сварлива храна (одбегнување брзо расипливи намирници).
Граѓаните ги менуваат навиките поради жештините
Повозрасните жители на Куманово ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Повеќето од нив излегуваат и ги завршуваат обврските или физичките активности во раните утрински часови, по што го поминуваат најтоплиот дел од денот во затворени и разладени простории.
Здравствените работници дополнително препорачуваат при евентуални патувања да се избираат исклучително ноќните часови или раните утрински периоди кога температурите се пониски.