Балканската естрада и љубителите на ромската музика се простуваат од една од најголемите музички легенди на овие простори.
Вчера почина саканата велешанка Џансевер (Џансевер Далипова), мегаѕвездата која со децении го освојуваше регионот со својот специфичен и моќен глас, длабока емоција и неповторливи изведби на ромска и арабеск музика.
Веста за нејзиното заминување предизвика голем бран на тага кај нејзините бројни обожаватели, колеги, пријатели и роднини ширум Балканот, Турција и дијаспората, кои се простуваат со емотивни пораки:
„Твојот глас, твојата насмевка и твоите песни ќе останат засекогаш во нашите срца. Ти не беше само голема ромска ѕвезда, туку и човек што ни беше драг на сите. Твоите песни ќе продолжат да живеат меѓу нас. Ќе ги слушаме, ќе ги пееме и преку нив секогаш ќе те чувствуваме блиску. Легендите не умираат – тие живеат во своите дела, во својата музика и во срцата на луѓето што ги сакаат. Твојата песна никогаш нема да замолкне.“
Од музичката икона емотивно се прости и Симеон Атанасов, посинокот на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, кој истакна дека Џансевер оставила неизбришлива следа во музичката историја:
„Џан беше голема естрадна уметница и неповторлив глас на ромската музика. Со својот талент, песна и препознатлив начин на изведба, таа остави неизбришлива трага во срцата на многу генерации. Нејзината музика ќе продолжи да живее, а споменот за неа ќе остане вечен. Твојата песна ќе одекнува и понатаму. Почивај во мир, мила наша Џансевер.“
Џансевер важеше за една од најавтентичните вокалисти на балканската сцена, чија музика обединуваше генерации и ги преминуваше сите граници. Нејзиното музичко наследство ќе остане трајно запишано во културната историја на ромската песна.