Македонија

Со архиерејска литургија и пораки за единство, Велес го прослави својот заштитник Свети Пантелејмон

Со архиерејска литургија и пораки за единство, Велес го прослави својот заштитник Свети Пантелејмон

Со Света празнична архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение со свештенството и во присуство на голем број верници, утрово во Велес беше заокружена програмата за одбележување на денот на заштитникот на градот – Свети великомаченик Пантелејмон.

Празнувањето започна уште синоќа со Вечерна богослужба во истоимениот Соборен храм. Пред присутните граѓани се обратија градоначалникот Марко Колев и протоерејот Ристе Јанушев, кој во својата beseda истакна дека овој величествен храм ја претставува самата духовна оска на Велес.

„Овој храм не е само место за богослужба, туку е срцето на духовниот живот на Велес. Во секој негов камен се вградени верата, солзите и надежта на нашите претци. Тие ни оставија сведоштво дека народ кој верува во Бога никогаш не може да биде духовно поразен“, истакна протоереј Јанушев.

Тој ги повика верниците празникот да го искористат за духовно преиспитување и одлука за лична промена кон добро:

„Кога ќе се вратите во своите домови, не носете само убав спомен од празникот, туку и цврста одлука да бидете подобри луѓе отколку вчера. Така најдостојно ќе го прославиме Свети Пантелејмон и ќе покажеме дека неговото дело продолжува да живее во сите нас.“

Празничната програма беше надополнета со музички колаж во изведба на Јована Богдановска и нејзиниот бенд.

Соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ е изграден во 1840 година од прочуениот македонски градител Андреја Дамјанов и неговите браќа. Храмот е познат по својата единствена акустика, постигната со вградување грнчарски производи и лушпи од јајца во малтерот. Денес, покрај тоа што е духовен центар, тој претставува и еден од најпрепознатливите културно-историски споменици во Велес кој привлекува бројни домашни и странски посетители.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни