До редакцијата на 4NEWS.MK се обрати читател од Драчево, кој алармира за сериозен проблем со натрупување отпад на паркинг-просторот спроти пазарот, кај зградите.
Според неговото сведоштво, на локацијата подолг период несовесно се остава отпад, а, како што вели, често се фрла и отпад од страна на продавачи од пазарот.
„Упорно фрлаат пазарџиите. Реагираме, но никој не се замара. Доаѓаат од Општина, чистат некогаш и толку“, се вели во пораката испратена до нашата редакција.
Жителите велат дека проблемот трае подолго време и дека досегашните интервенции не дале трајно решение. Особено загрижувачки е што станува збор за простор во непосредна близина на станбени згради, каде што живеат и семејства со мали деца.
„Немаме начин како да дојдеме до некој што навистина може ова да го среди, да ги фатат тие што го прават ова и да бидат казнети“, додава читателот.
Според него, непријатната миризба е постојано присутна, а состојбата дополнително ја влошува фактот што на локацијата, како што тврди, се појавуваат и угинати животни.
Жителите апелираат до надлежните институции да излезат на терен, да утврдат кој го остава отпадот и да преземат конкретни мерки за трајно решавање на проблемот.