Македонија

Општината требало да реагира откако „Пулс“ бил нелегално пренаменет – родителите: Повеќе од една деценија работа не е пропуст, не е превид, и не е еден погрешен документ

Општината требало да реагира откако „Пулс“ бил нелегално пренаменет – родителите: Повеќе од една деценија работа не е пропуст, не е превид, и не е еден погрешен документ

На судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, градежното вештачење повторно го отвори прашањето за тоа како објект наменет за индустриска дејност со години можел да функционира како угостителски објект, и покрај законските и урбанистичките ограничувања.

На денешното рочиште во Идризово беа сослушани вештите лица Душица Трпчевска Ангелковиќ и Маријана Лазаревска, членови на тимот од Градежниот факултет при УКИМ кој го изработил вештачењето.

Според изнесеното пред судот, урбанистичко-планската документација за локацијата од 1998 година до денес предвидува намена за лесна индустрија и мало стопанство. Вештото лице Ангелковиќ посочи дека ниту првиот Детален урбанистички план, донесен во 1998 година, ниту последниот план од 2013 година не предвидувале пренамена на објектот во угостителски објект, односно дискотека или кабаре.

Објектот бил составен од две згради. Првата била изградена во 1998 година со одобрение за деловно-производен продажен објект, додека втората била изградена без одобрение, а во 2011 година била легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија.

Според вештачењето, од 2012 година дел од објектот започнал да се користи како дискотека и кабаре, што, како што беше посочено во судницата, било спротивно на важечката урбанистичка документација и прописите за градење.

Вештото лице нагласи дека намената на објектот е од суштинско значење бидејќи од неа зависат неговите конструктивни, функционални и безбедносни услови, како и параметрите поврзани со површина, височина, катност, пристап и паркирање.

Дополнително, вештакот Маријана Лазаревска презентираше градежни аспекти од вештачењето, при што посочи на интервенции изведени во објектот. Меѓу нив биле надворешни скали, настрешница и преградни ѕидови од гипс-картон со кои бил формиран влез со двокрилна двонасочна врата.

Токму овие прегради и врати, според вештачењето, претставувале сериозна пречка за безбедно движење при евакуација. Лазаревска посочи дека ваквото решение било недозволено од безбедносен аспект.

Во текот на презентацијата биле прикажани и фотографии од изведба на челични греди и столбови во приземјето на објектот, направени во 2012 година, во периодот кога била извршена пренамената од магацин за теписи и теписони во угостителски објект.

Одбраната реагирала на презентирањето на фотографиите, барајќи да биде посочено каде точно се наоѓаат во доказниот материјал. Поради тоа, судот го одложил продолжението на презентацијата, а вештото лице ќе продолжи со изведувањето на вештачењето на следното рочиште, закажано за 17 август, кога е најавена и нумеричка презентација на фотографиите.

Особено значаен дел од сведочењето се однесуваше на институционалната контрола врз објектот.

На прашање дали Општината можела да реагира откако во објектот започнала да се врши угостителска дејност, Ангелковиќ посочи дека станува збор за објект од втора категорија, односно објект од локално значење, за кој надлежност има Општината.

Според неа, Општината била повикана да контролира дали објектот се користи согласно издадените одобренија за градење и употреба.

Доколку надлежните инспекциски служби констатирале нелегална пренамена, според објаснувањето дадено пред судот, тие имале можност на сопственикот да му наложат објектот да го врати во првобитната состојба.

Токму ова прашање повторно го поставија и родителите на жртвите.

Александар Наунов порача дека период од повеќе од една деценија не може да се сведе на еден превид или еден погрешен документ.

„Повеќе од една деценија не е пропуст, не е превид, не е еден погрешен документ“, порача Наунов, нагласувајќи дека мора да се утврди кој знаел, кој потпишувал, кој контролирал и кој бил должен да го спречи незаконското користење на објектот.

Со изведувањето на градежното вештачење, кое го подготви тим од Градежниот факултет при УКИМ, се очекува да заврши доказната постапка предложена од Обвинителството.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Трагедијата во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни