Свет

Нов бран поскапувања на храната: На удар лебот, тестенините, овошјето и зеленчукот

Нов бран поскапувања на храната: На удар лебот, тестенините, овошјето и зеленчукот

Граѓаните во наредниот период би можеле повторно да се соочат со повисоки цени на дел од основните прехранбени производи. Најголем ценовен притисок се очекува кај житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи, предупредуваат економските анализи.

Според најновите проценки на „Оксфорд економикс“, глобалните цени на храната годинава би можеле да пораснат за 11,8 отсто, а растот да продолжи и во 2027 година со дополнителни 4,8 отсто.

Зад новиот ценовен притисок стојат повеќе фактори. Екстремните температури и сушата во Европа веќе влијаат врз земјоделското производство, додека земјоделците се соочуваат со повисоки трошоци за енергија, ѓубрива и обработка на земјиштето.

Дополнителен ризик претставуваат глобалните конфликти и нарушувањата на снабдувачките синџири. Војната во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток влијаат врз производството и транспортот на земјоделските суровини, што дополнително го зголемува притисокот врз цените.

Особено чувствителна е пченицата. Проекциите покажуваат дека во третиот квартал од годинава нејзината цена би можела да биде околу 36 отсто повисока во однос на истиот период лани. Повисоката цена на житото постепено би можела да се прелее и врз производите од брашно – лебот, тестенините, бисквитите и житарките за појадок.

Кај свежото овошје и зеленчукот, ефектите од поскапувањето би можеле да се почувствуваат побрзо. Според очекувањата, повисоките цени би можеле да станат забележливи уште во октомври и ноември.

Кај преработената храна, пак, ценовниот ефект најверојатно ќе дојде со задоцнување, бидејќи потребно е време за жетвата, преработката и дистрибуцијата. Најголем притисок се очекува во периодот од февруари до мај следната година.

Сепак, економистите нагласуваат дека прогнозираниот раст од 11,8 отсто се однесува на глобалните цени на земјоделските суровини и не значи дека сите производи во продавниците ќе поскапат за истиот процент.

Конечната малопродажна цена зависи и од трошоците за производство, транспорт, преработка, складирање и трговските маржи.

Најмал ценовен притисок во овој циклус се очекува кај месото, додека најизложени остануваат житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни